Мал дијалектен речник

 Дигитална база на податоци на македонските дијалекти

(според македонскиот дијалектен материјал од Општословенскиот лингвистички атлас - ОЛА)

 

Проектот Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) е еден од проектите на Меѓународниот комитет на славистите и има меѓународен, мултилатерален карактер. Во рамките на овој проект од страна на Македонската национална комисија се врши теренска ексцерпција и историска и типолошка интерпретација на македонскиот дијалектен материјал, како и мериторна и компјутерска обработка на лингвистички карти од целата словенска тери¬то¬рија (ок. 850 пункта). ИЦАЛ е еден од центрите во кои се врши компјутерска обработка и картографирање на материјалите на ОЛА. Македонски претставник во Меѓународната комисија на ОЛА е проф. д-р Марјан Марковиќ.

Македонските дијалектни материјали собирани според прашалниците на Општословенскиот лин¬гвистич¬ки атлас се запишувани од македонските дијалектолози во период од десетици години. Тие материјали се чуваат во форма на прашалници и опфаќаат 24 населени места (16 на територијата на Р.Македонија, 1 во Р. Албанија, и 7 во Егејска Македонија, денешна Р. Грција). Овие материјали според Прашалникот на ОЛА опфаќаат по 3500 прашања од различни области на животот, а се подредени и според граматички критериуми.

Проектот за Дигитална база на податоци на македонските дијалекти е наменет да овозможи зачувување, преглед и пребарување на околу 50.000 дијалектни лексеми и збороформи според соодветните литературни називи (ок. 2300 називи) и преку прашалникот за собирање на дијалектен материја на ОЛА.

Со тоа богатството од различни дијалекти станува лесно достапно до домашната и до светската јавност. Вака подготвениот материјал претставува основа за понатамошна лингвистичка анализа и на овој начин се овозможува зачувување на маке¬донското духовно наследство и негово пренесување на идните генерации.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија, и е реализиран од ИЦАЛ при МАНУ со учество на вработените и соработниците на Центарот: проф. д-р Марјан Марковиќ, м-р Ангелина Панчевска, Соња Миленковска и Владимир Стајиќ.